Во натпревар кој веднаш се сели во златната историја на Лигата на шампионите, ПСЖ славеше над Баерн Минхен со неверојатни 5-4 во првиот полуфинален судир. Девет постигнати гола и пресврти кои го одземаа здивот ја одбележаа ноќта во Париз, оставајќи го патникот во финалето да се решава за седум дена на „Алијанц Арена“.
Драмата започна во 16-тата минута кога Хари Кејн ја претвори во гол најстрогата казна по прекршокот над Луис Диаз. Сепак, домаќините возвратија преку расположениот Кварацхелија, кој во 24-тата минута израмни на 1-1. До крајот на првиот дел видовме уште три погодоци: Жоао Невеш донесе водство за ПСЖ, Мајкл Олисе израмни на 2-2 со прекрасен соло-продор, но Усман Дембеле од пенал во последната секунда од полувремето се погрижи „светците“ да заминат на одмор со предност од 3-2.
Вториот дел донесе вистинска бура пред голот на Ноер. Кварацхелија во 56-тата минута ја искористи асистенцијата на Хакими за својот втор гол, а само три минути подоцна Дембеле зголеми на високи 5-2, најавувајќи дебакл за Баварците. Сепак, германскиот гигант покажа зошто никогаш не смее да се отпише. Упамекано со глава во 65-тата минута и Луис Диаз само три минути подоцна ги поставија конечните 5-4, со што ја вратија неизвесноста во овој двомеч. Иако ПСЖ патува во Минхен со предност, напаѓачката моќ на двата тима ветува уште еден нестварен реванш.

