Македонски фудбал Фудбал

„Прштат” оставки во ФК Пелистер по денешниот дебакл!

Фудбалскиот клуб Пелистер се наоѓа во една очајна и катастрофална состојба веќе подолг период. Денес, сето тоа доживеа своја кулминација, откако „битолската гордост” не успеа да обезбеди опстанок во Првата Македонска фудбалска лига, откако по изведување на пенали беа поразени од скопскиот состав Шкендија Арачиново.

Комплетното раководство на клубот ја извести јавноста дека поднесува оставки и го напушта клубот по овој неуспех. Во целост ви го пренесуваме соопштението на клубот:

ФК Пелистер ја известува јавноста дека, по денешниот пораз и испаѓањето на клубот од Првата македонска фудбалска лига, претседателот на клубот, заедно со целокупната управувачка структура, техничкиот директор и целиот стручен штаб, ќе поднесат оставки до градоначалникот на Општина Битола, преземајќи морална одговорност за остварениот резултат.

Во изминатиот период беа преземени бројни активности и направени значителни напори за зајакнување на клубот и обезбедување на негов опстанок во Првата лига, но очигледно вложеното не беше доволно за постигнување на посакуваните резултати.

Покрај поднесените оставки, досегашната управувачка структура бара да се спроведе и целосна ревизија на досегашното работење на клубот, со цел јавноста да биде ослободена од какви било сомнежи во однос на евентуални злоупотреби на финансиски средства и да се потврди нивното наменско и транспарентно трошење.

Со овој чин се презема одговорност за резултатите, но и се остава простор за темелна анализа на досегашните чекори и носење на нови одлуки, сè во интерес на идниот развој и напредок на ФК Пелистер.

 

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.