Македонската фудбалска репрезентација ќе има нови лица во стручниот штаб на селекторот Гоце Седлоски. Најзвучното име меѓу промените е Бобан Грнчаров, кој ќе ја преземе функцијата асистент на Седлоски на местото на Борче Христов. Христов си заминува од позицијата поради клупски обврски. Грнчаров добро го познава репрезентативниот фудбал, бидејќи во играчките денови беше дел од националниот тим и настапуваше на позицијата стопер. Во тренерската кариера досега ги предводеше Вардар и Македонија Ѓорче Петров, а сега ќе добие нов предизвик во националниот тим.
Покрај Грнчаров, во стручниот штаб влегува и Михаило Шејкероски. Тој ќе биде задолжен за физичката подготовка и кондициската состојба на репрезентативците. Новите членови на стручниот штаб ќе му се приклучат на Седлоски во периодот кој следува, во кој Македонија ја очекуваат важни натпревари во Лигата на нации.

