Претстојниот викенд на легендарната патека во Монца се вози Големата награда на Италија, а најголем предизвик за возачите и тимовите ќе бидат екстремно високите температури, поради кои официјално е прогласена „топлотна опасност“.
Според прописите во Формула 1, ваква состојба се активира кога температурата на воздухот надминува 30 степени. Откако во средата во близина на патеката беа измерени 36 степени, раководството на шампионатот веднаш ги примени предвидените протоколи.
Оваа одлука им овозможува на пилотите да користат специјален систем за ладење под огноотпорните комбинезони, кој спроведува разладена течност низ мрежа од цевки. Опремата не е задолжителна, но секој возач кој ќе одбие да ја користи мора да носи дополнителен баласт од 5 килограми во болидот, со цел да се спречи стекнување предност во тежината.
Ова е вторпат оваа сезона да се прогласи „топлотна опасност“ на една трка од Формула 1, откако возачите се соочија со слични услови и за време на трката за Големата награда на Австрија во јуни.

