Македонскиот дефанзивец Агрон Руфати отвора ново поглавје во својата кариера, откако официјално стана нов член на косовскиот прволигаш Приштина. Поранешниот младински репрезентативец на Македонија ќе му се приклучи на тимот за време на подготовките во Турција, каде клубот ја темпира формата за новата сезона.
Дваесет и седумгодишниот стопер зад себе има богато интернационално искуство, настапувајќи за клубови од Словенија, Хрватска, Украина, Романија, Македонија и Албанија. Во своите младински денови беше дел и од прочуената академија на Динамо Загреб, каде настапуваше за селекциите до 17 и до 19 години.
По потпишувањето на договорот, Руфати не го криеше задоволството од новиот предизвик.
„Среќен сум што доаѓам во најголемиот клуб во Косово. Благодарен сум за довербата и ќе дадам максимум на секој тренинг и натпревар. Верувам дека со заедничка работа ќе ги исполниме амбициите и ќе ги израдуваме навивачите“, изјави Руфати.

