Македонски ракомет Ракомет

Прилеп славеше во драматична завршница против Бутел

Ракометарите на Бутел доживеаја нов пораз во домашната Суперлига, откако на домашен терен загубија од Прилеп со 27:29 во натпреварот од 6. коло. Избраниците на тренерот Стојанче Стоилов и по шест одиграни кола остануваат без триумф, со ефектот од едно реми и пет порази, додека прилепчани ја стигнаа својата трета победа во шампионатот.

Домаќините добро го отворија мечот и водеа во првите 15 минути со 9:7, но Прилеп одговори со серија од 0:5 и на пауза замина со предност од 13:16. Во второто полувреме Бутел направи нов пресврт со серија од 7:1 и ја чуваше предноста сѐ до 54. минута (26:26), кога поради две исклучувања кај домаќините, гостите искористија играч повеќе за предност од 26:28. По намалувањето на Стоилески од седмерец, Бутел имаше напад за реми во последната минута, но по грешката во нападот, Крстевски во следниот налет ја запечати победата на Прилеп. Најефикасен кај победниците беше Димитриоски со осум гола, додека кај Бутел се истакна Марковски со седум погодоци.

Во останатите натпревари од колото, Младост и вториот тим на Е. Пелистер ги поделија бодовите во ремито 30:30 откако домаќините не реализираа напад за победа во самите секунди од финишот, додека Тиквеш во драматичен дуел го совлада Мулти Есенс со 27:26.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.