Најдолгото Светско првенство во историјата остави последици врз англиските гиганти, а новиот шампионат во Премиер лигата започнува на 21 август, со едвај десетина дена за подготовки на клучните фудбалери. Поради тринеделниот задолжителен одмор пропишан од ФИФА за сите учесници во завршницата на Мундијалот, менаџерите се соочуваат со некомплетни состави и преморени ѕвезди.
Според анализите на „ББС Спорт“, најголем товар од 39-дневниот турнир во Северна Америка понесоа Манчестер Сити и Арсенал. Дополнителен удар за Сити е операцијата на грбот на Родри, кој по 726 одиграни минути за Шпанија ќе ги пропушти воведните мечеви, додека Арсенал подолг период нема да може смета на Вилијам Салиба од истите причини. Со сериозни повреди од Светското првенство се вратија и Амаду Онана во Астон Вила и Мануел Угарте во Манчестер Јунајтед.
Рекордер по минутажа на турнирот е голманот Емилијано Мартинез со максимални 810 минути за Аргентина, додека кај играчите во поле прв е Алексис Мек Алистер од Ливерпул со 749 минути. По три последователни лета без вистински одмор (Евро 2024, Светско клупско првенство 2025 и Мундијал 2026), фудбалскиот календар стигна до точка на вриење, па воведните кола во Англија ќе бидат пред сè испит за физичка издржливост и длабочина на клупата.

