Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија изрече низа санкции по разгледувањето на извештаите од одиграните натпревари во домашните фудбалски лиги, а најтешко помина екипата на ФК Вардар. Поради слаба организација, инциденти и прекин на натпреварот против ФК Арсими, на скопскиот клуб му е изречена парична казна во висина од 3.000 евра, како и мерка забрана за присуство на публика на еден домашен натпревар.
Покрај санкцијата за „црвено-црните“, Дисциплинската комисија донесе одлуки за суспензија на повеќе фудбалери и службени лица. Во редовите на Башкими 1947, Габриел Тенелеп заработи забрана за настап на три меча, додека Биљал Исени и Бесјан Алију нема да играат на по два натпревари, а слична казна од по два меча пауза добија и Енис Фазлагиќ од Шкендија Арачиново, Рифадов Асан од Детонит Плачковица и Мемедоски Бујамин од Влазними Јуниор. По еден меч суспензија им беше изречена на Методи Максимов од Брегалница, Омер Сулејмани од Македонија Ѓорче Петров и Ислами Дрилон од Шкендија.
Санкционирани беа и дел од тренерските и административните кадри, па така предводникот на Шкупи, Исмаил Ферди, нема да може да ја врши функцијата на следните два натпревари, додека Иван Варадиноски и комесар-администраторот на Башкими, Бесим Мустафи, добија едномесечни забрани за вршење функција. Дополнително, поведени се и нови дисциплински постапки против Дурим Хида и претставникот на Башкими, Ергин Шерифи, поради недолично однесување и вербална расправија со судиите на дуелот против екипата на Скопје.

