Меѓународен фудбал Фудбал

Празни трибини и висока парична казна за Хајдук по инцидентите на Торцида!

Хајдук Сплит се соочи со сериозна казна од УЕФА по инцидентите што ја засенија победата над Ајакс со 2-1 во Лигата на конференции. Европската фудбалска централа му изрече на хрватскиот клуб суспензија од еден домашен натпревар без публика и парична казна од вкупно 96.000 евра.

Во фокусот на скандалот се најдоа навивачите на сплитскиот клуб, особено припадниците на „Торцида“. За време на навивачкиот марш пред натпреварот биле забележани антисемитски и нацистички скандирања, додека пиротехничките средства на стадионот предизвикале прекин на средбата од околу 12 минути. Покрај казната од 80.000 евра и еден натпревар без присуство на гледачи, Хајдук ќе мора да плати и дополнителни 16.000 евра поради непроодноста на скалите на трибините.

Хрватскиот клуб претходно јавно им се извини на Ајакс и УЕФА, изразувајќи жалење што инцидентите го засениле спортскиот резултат. Од Хајдук порачаа и дека се подготвени да ја преземат одговорноста за случувањата. Така, големата победа над холандскиот гигант доби непријатен епилог за сплитскиот клуб, кој освен финансискиот удар ќе мора да се соочи и со последиците од играњето пред празни трибини.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.