Европски првенства Кошарка Македонска кошарка Меѓународна кошарка Репрезентација на Македонија

Познати се противниците на Македонија во втората рунда од претквалификациите за Евробаскетот 2029!

Со максимален ефект од шест победи во исто толку натпревари, сениорската репрезентација на Македонија на убедлив начин ја заврши првата рунда од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 и како првопласирана во групата „А“ обезбеди место во следната фаза од квалификацискиот циклус.

По комплетирањето на натпреварите од првата рунда, познати се четирите национални селекции кои директно изборија пласман во втората рунда од претквалификациите. Покрај Македонија, таму се и репрезентациите на Словачка, Бугарија и Норвешка.

Останатите шест селекции кои настапуваа во првата рунда ќе имаат можност да го продолжат квалификацискиот пат преку третата рунда од претквалификациите, која ќе се игра по завршувањето на вториот круг.

Во втората рунда ќе учествуваат вкупно 12 репрезентации, распределени во четири групи од по три селекции. На четирите победници од првата рунда ќе им се приклучат и осумте национални тимови кои квалификациите за Светскиот куп 2027 ќе ги завршат на четвртото место во своите групи.

Со завршувањето на квалификациите за Светскиот куп 2027, познат е и кругот на можни противници на Македонија во претстојната ждрепка. Нашата репрезентација ќе може да се најде во група со Данска, Романија, Швајцарија, Велика Британија, Кипар, Белгија, Австрија и Чешка.

Ждрепката за формирање на четирите групи од втората рунда на претквалификациите за Евробаскетот 2029 ќе се одржи на 16 јули во Минхен, по што ќе биде познат и распоредот на натпреварите во новата фаза од квалификацискиот циклус.

УЧЕСНИЦИ ВО ВТОРА РУНДА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ 2029

МАКЕДОНИЈА

Словачка

Бугарија

Норвешка

Данска

Романија

Швајцарија

Велика Британија

Кипар

Белгија

Австрија

Чешка

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.