Новак Ѓоковиќ ќе се соочи со Стефанос Циципас во второто коло на Вимблдон, а нивниот натпревар е закажан за вечерниот термин на Централниот терен. Српскиот тенисер успешно го започна настапот на најпрестижниот грен слем турнир, откако во четири сета го елиминираше Ву Јибинг од Кина. Од друга страна, Циципас немаше никакви проблеми во првото коло и убедливо го совлада Французинот Иго Гастон во три сета.
Организаторите објавија дека дуелот меѓу Ѓоковиќ и Циципас ќе биде трет на програмата на Централниот терен, што значи дека нема да започне пред 18:30 часот.
Историјата на меѓусебните дуели е убедливо на страната на српскиот ас. Ѓоковиќ има 12 победи во 14 натпревари против Гркот, а последните десет пресметки ги доби без пораз. Нивниот последен меѓусебен дуел беше на Олимписките игри во 2024 година, додека на Грен слем турнир последен пат се сретнаа во финалето на Австралија Опен 2023, кога Ѓоковиќ славеше со максимални 3:0 во сетови.

