Стадионот „Олд Трафорд“ денес се подготвува за едно од најемотивните збогувања во својата понова фудбалска историја. Бразилскиот дефанзивен играч за врска, Касемиро, го игра последниот натпревар, продив Нотингем Форест, пред домашната публика која без сомнение ќе го изпрати како легенда. По овој натпревар, на искусниот фудбалер му преостанува уште само гостувањето кај екипата на Брајтон во Премиер лигата.
Неговата феноменална европска приказна започна кога на само 20 години пристигна во Реал Мадрид од бразилскиот клуб Сао Паоло. Бразилецот денес со право се смета за еден од најдобрите дефанзивни играчи за врска во целата историја на фудбалот. По незаборавните и трофејни години во Шпанија, тој во август 2022 година за 70 милиони евра се пресели во Англија. Многумина тогаш се сомневаа во оваа инвестиција, но тој веднаш донесе победнички менталитет и шампионска енергија во клубот. Тој брзо покажа дека неговото искуство и авторитет се токму она што му недостигаше на разнишаниот англиски гигант.
Во текот на престојот во Манчестер, тој забележа вкупно 159 настапи и постигна дури 26 многу значајни погодоци. Оваа последна натпреварувачка сезона беше навистина извонредна, бидејќи дури девет пати ја тресеше противничката мрежа во првенството. Покрај одличниот капитен Бруно Фернандеш, искусниот бразилски репрезентативец со години наназад беше главниот мотор на овој тим. Тој не беше само дефанзивен штит, туку стана вистински заштитник на соиграчите и ментор на помладите фудбалери во соблекувалната.
За неговите високи квалитети често зборуваше и Карло Анчелоти, кој го нарече интелигентен борец кој совршено ја разбира играта. Капитенот Фернандеш исто така истакна дека неговиот колега е роден победник кој секогаш им давал огромна сигурност на сите.
„Олд Трафорд е вистинска фудбалска магија и поддршката од овие навивачи засекогаш ќе остане во моето срце“, призна самиот Касемиро.
Иако верните навивачи со недели ја пеат песната „One more year“, разделбата во летниот преоден рок е веќе неминовна. Бразилецот секогаш играше со целото свое срце, оставајќи го и последниот атом сила на теренот за овој голем клуб.
По завршувањето на обврските во Англија, големиот дефанзивец го очекува нов сериозен предизвик на претстојното Светско првенство со Бразил. Со 84 одиграни натпревари и 8 постигнати голови за својата татковина, тој уште еднаш со гордост ќе ги предводи популарните „кариоки“.
Денес, Театарот на соништата со огромна почит ќе му се поклони на човекот кој покажа како се гине за клупскиот дрес.

