Португалија продолжува да чекори без грешка во Лигата на нации, а овојпат на патот до новите три бода застана Данска. „Морепловците“ одиграа натпревар со многу пресврти и шест погодоци, покажувајќи дека и без својот најголем лидер Кристијано Роналдо имаат доволно квалитет за да стигнат до значајна победа.
Португалците славеа со 4:2 на гостувањето во Копенхаген и го задржаа максималниот учинок во Групата А4. Гонсало Рамос беше играчот кој го отвори резултатот. Напаѓачот ја искористи шансата пред голот на Данска и донесе предност за гостите, но радоста на Португалија траеше кратко.
Микел Дамсгард возврати со погодок за израмнување, со што домаќините повторно се вратија во игра. Сепак, Рамош повторно се најде во центарот на вниманието и пред паузата вторпат ја затресе мрежата на Данска за 2:1. Домашната селекција не се предаде, па на стартот од вториот дел повторно стигна до израмнување. Расмус Хојлунд реализираше за 2:2, а својот погодок го прослави на начин кој потсети на прославите на Кристијано Роналдо.
Но, Португалија веднаш одговори. По одличната акција и асистенцијата на Бруно Фернандес, Витиња ја врати предноста на гостите и погоди за 3:2. Данска потоа се обиде уште еднаш да се врати во натпреварот, но Португалија не дозволи нов пресврт. Жоао Феликс, кој влезе во игра од клупата, во финишот го постигна четвртиот гол и ги постави конечните 4:2.
Со оваа победа Португалија стигна до три победи од три натпревари во Групата А4 и ја потврди лидерската позиција. Португалците продолжија со одличната серија, бидејќи во последните 13 натпревари имаат само еден пораз.

