Вечерва со почеток во 21:00 часот, на стадионот во Далас, репрезентациите на Португалија и Шпанија ќе го одиграат најголемото дерби во осминафиналната фаза на Светското првенство. Овој дуел со право во јавноста се нарекува „финале пред финалeто“, бидејќи една од двете европски фудбалски велесили ќе мора предвреме да го заврши својот настап на планетарниот собир.
Шпанија влегува во овој натпревар со одличен впечаток од досегашниот тек на турнирот. Избраниците на Луис де ла Фуенте сè уште немаат примено гол на овој Мундијал, а во претходната рунда рутински ја совладаа Австрија со 3:0. „Црвената фурија“ демонстрира препознатлив, доминантен фудбал, каде во центарот на вниманието повторно ќе бидат Ламин Јамал, Педри и Микел Ојарзабал, кои го предводат еден од најефикасните напади на првенството.
Од друга страна, Португалија до осминафиналето стигна по многу потежок пат. Екипата предводена од Роберто Мартинез ја елиминираше Хрватска со 2:1, благодарение на погодокот на Гонсало Рамос во самиот финиш од средбата. На тој меч Кристијано Роналдо го постигна својот прв гол во нокаут-фазата на светските првенства. Сепак, играта на Португалците не беше на најубедливо ниво, па за позитивен резултат против Шпанија ќе мора да прикажат значително подобра партија.
Особено значење на овој натпревар му дава големото ибериско ривалство. Овие две селекции со години водат неизвесни битки на големата сцена. Љубителите на фудбалот сè уште се сеќаваат на спектакуларното реми (3:3) на Светското првенство во 2018 година, кога Кристијано Роналдо постигна хет-трик. Последниот меѓусебен дуел, пак, и припадна на Португалија, која минатата година по изведување пенали го освои трофејот во финалето на Лигата на нации, што за Шпанците ќе биде дополнителен мотив за реванш.
За Кристијано Роналдо ова може да биде еден од последните натпревари во репрезентативната кариера, со оглед на тоа што 41-годишниот капитен најави дека ова е негово последно Светско првенство. На спротивната страна, младата ѕвезда Ламин Јамал има идеална прилика да го потврди својот статус на светската сцена и да ја предводи Шпанија кон пласман меѓу осумте најдобри.

