Меѓународен фудбал Фудбал

Поразот од Атлетико ја прели чашата: Мартинез отвори фронт против раководството на Јунајтед!

Незадоволството во Манчестер Јунајтед добива сè погласна форма, а овојпат критиките доаѓаат од соблекувалната. Лисандро Мартинез не го криеше разочарувањето по поразот од Атлетико Мадрид, испраќајќи јасна порака дека одговорноста за резултатите не може постојано да паѓа врз тренерите и фудбалерите.

Аргентинскиот дефанзивец отворено го критикуваше клупското раководство, а посебно го посочи фудбалскиот директор Џејсон Вилкокс. Според него, Јунајтед морал да направи повеќе на трансфер-пазарот за да изгради состав способен да се натпреварува со најдобрите европски екипи.

Поразот од 0:2 против Атлетико дополнително го зголеми притисокот врз тимот, но Мартинез смета дека причините за проблемите се многу подлабоки од тактичките одлуки на тренерот Мајкл Карик.

„Исклучително слабо. Многу слабо. Морам добро да се контролирам, но понекогаш тоа е само одраз на состојбата во која се наоѓа нашиот клуб“, изјави Мартинез по натпреварот.

Аргентинецот потсети дека по претходната успешна сезона очекувал поголема поддршка од луѓето кои ги носат клучните одлуки во клубот. Според него, конкуренцијата значително се засилила, поради што Јунајтед морал да реагира со посериозни засилувања.

„Очекувам повеќе од нашиот технички директор. Мора да бидам искрен. Ние како играчи треба да даваме повеќе, но исто толку важно е да се изгради силен состав за да бидеш подготвен за вакви натпревари“, порача дефанзивецот.

Мартинез застана во одбрана на Карик, нагласувајќи дека честите тренерски промени не можат да бидат единственото решение за проблемите на „Олд Трафорд“.

„Не можеш постојано да менуваш тренери. А што е со другите сегменти во клубот? Вечерва е лесно да се обвини тренерот, лесно е да се обвинат играчите, но мора да погледнеме и на другите нивоа“, истакна аргентинскиот репрезентативец.

Тој додаде дека Карик го прави најдоброто што може, но и дека минатосезонските успеси не се гаранција за добри резултати во новата сезона. Противниците ги анализираат тактичките замисли на Јунајтед, па клубот мора постојано да се развива и да го надградува тимот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.