Карлос Алкараз и натаму работи на закрепнување по повредата на зглобот, а иако повторно започна со тренинзи, неговото враќање на терените сè уште е неизвесно. Поранешниот британски тенисер Грег Руседски смета дека Шпанецот не е доволно подготвен за настап на претстојниот УС Опен, каде треба да ја брани титулата. Руседски анализирал снимка од еден од тренинзите на Алкараз и забележал неколку детали што, според него, покажуваат дека опоравувањето не оди со посакуваното темпо.
„Се гледа дека сè уште не удира со полна сила, а сервисот не му е природен како порано. Тоа покажува дека не е подготвен за натпреварување на највисоко ниво“, изјави поранешниот британски тенисер.
Тој нагласи дека Алкараз не треба да брза со враќањето само заради бодовите или одбраната на титулата, бидејќи здравјето мора да биде најважен приоритет.
„Би бил навистина изненаден ако настапи на УС Опен. Подобро е да паузира подолго и целосно да закрепне, отколку да ризикува нови компликации“, додаде Руседски.
Според него, машкиот тенис има потреба од Алкараз и неговото големо ривалство со Јаник Синер, но потенцира дека најважно е шпанскиот ас да се врати целосно подготвен, дури и ако тоа значи да ја пропушти остатокот од сезоната.

