Машкиот кошаркарски клуб Куманово доби ново име во играчкиот ростер за претстојниот период. Нов член на македонскиот тим е српскиот интернационалец Стефан Фундиќ, кој може да одговори на предизвиците на позициите крилен центар и центар. Фундиќ е роден на 30 јуни 1994 година во Белград. Висок е 200 сантиметри и тежи 105 килограми, а зад себе има богато интернационално искуство, стекнато низ настапите во неколку европски лиги.
Во текот на кариерата настапуваше за повеќе клубови, меѓу кои Беовук 72, Вршац, Мега Бемакс, Задар, Игокеа, Гисен 46ерс и Младост Земун. Неговиот последен клуб беше Борац Чачак, чиј дрес го носеше од 2025 година. Новиот кошаркар на Куманово може да се пофали и со освоени трофеи. Со Игокеа во 2022 година ја освои шампионската титула во Босна и Херцеговина, а со истиот тим двапати триумфираше во националниот куп, во 2021 и 2022 година. Во неговата колекција има и трофеј од Купот на Хрватска, освоен со Задар во 2020 година. Со ангажманот на Фундиќ, Куманово добива играч со значајно европско искуство, кој ќе треба да придонесе во играта под кошевите во предизвиците што следуваат.

