Возбудата на Светското првенство во Северна Америка официјално започна и за селекциите од групата Б. Во исклучително борбен и динамичен натпревар, репрезентацијата на Босна и Херцеговина замина на пауза со минимално, но злато вредно водство од 0-1 против еден од домаќините на шампионатот, селекцијата на Канада.
Натпреварот започна со силно темпо, а босанските фудбалери уште во 3′ минута јасно ги покажаа своите амбиции. Мемиќ се најде во одлична позиција во противничкиот шеснаесетник, но неговиот обид од непосредна близина заврши за малку над пречката, пропуштајќи рана шанса за шок на стадионот.
Канаѓаните возвратија во 17′ минута преку својата прва посериозна закана. По еден центаршут и невнимание во одбраната на БиХ, топката стигна до осамениот Џонатан Дејвид на околу 11 метри од голот. Сепак, неговиот удар беше премногу слаб за да го изненади сигурниот Васиљ.
Казната за овој пропуст пристигна експресно, по само четири минути игра. Во 21′ минута, по првиот изведен корнер за Босна и Херцеговина, настана вистински метеж во петерецот на Канада, каде што најснаодлив беше Лукиќ, кој ладнокрвно ја смести топката во мрежата за огромна радост и водство од 0-1.

