Хрватскиот великан, но и симболот на југословенскиот фудбал од минатото, Хајдук Сплит, ќе гради нов стадион! Легендарниот Пољуд ќе замине во историјата, а на истата локација ќе никне модерен стадион со сите УЕФА и ФИФА стандарди. Клубот цврсто ја истакнува потребата од изградба на нов, модерен Пољуд. Од клубот потенцираат дека изградбата е неопходна. Моменталната инфраструктура веќе претставува сериозна пречка и станува сè поочигледно дека стадионот е во исклучиво лоша состојба.
Проблемите се изразени и во функционирање на самиот клуб, каде на два помошни терени тренираат првиот тим, младинските категории, но и женската екипа, услови кои не ги задоволуваат стандардите на клубот. Со самото тоа значително го ограничуваат развојот на клубот.
Хајдук може да се пофали како најпосетен клуб на балканот, во просек околу 22 илјади гледачи по натпревар ги бодрат сплитските ”били”. И покрај големата посетеност, моменталната инфраструктура не дозволува максимално да се искористи сиот потенцијал, кој се соочува со голем недостаток на модерни содржини, искористување на комерцијалните капацитети и дополнителни извори на приходи.



