И покрај убедливата победа од 5-0 на првиот натпревар, тренерот на Шкендија, Артим Положани, потенцира дека неговиот тим нема да влезе опуштено во реваншот и дека целта е да се продолжи со сериозен пристап.
„Имаме одличен резултат од првиот натпревар, но тоа не значи дека можеме да си дозволиме опуштање. Одиме на повисоко ниво и ни е потребно уште повеќе да се консолидираме, и во фазата на одбрана и во напад. Тоа ќе ни биде неопходно и во следните европски натпревари, па затоа не очекувам некои големи промени во составот. На оваа екипа ѝ треба време за дополнително да се уигра“, изјави Положани.
Тој нагласи дека во моментов нема размислувања за евентуалниот следен противник, бидејќи целиот фокус е насочен кон реваншот.
„Воопшто не размислуваме што ќе следува понатаму. Европските натпревари секогаш носат изненадувања и ако не си максимално концентриран, можеш да бидеш казнет. Немаме многу меѓусебни познанства со противникот и сигурно нема да биде лесно. Целиот наш фокус е насочен кон утрешниот натпревар.“
Во однос на можните засилувања, Положани истакна дека секој квалитетен фудбалер е добредојден, но предупреди дека и преголем број играчи може да создаде проблеми.
„За секој стручен штаб нов квалитетен играч е позитивна работа, затоа што носи поголема конкуренција и повеќе опции. Сепак, ако има премногу играчи, тоа може да има и контраефект. Во координација со управата, секој квалитетен фудбалер би бил добредојден.“
Сличен став изнесе и фудбалерот Арбин Зејнулаи, кој порача дека атмосферата во екипата е одлична и дека сите се подготвени за предизвикот.
„Атмосферата е позитивна, сите максимално сериозно го сфаќаме натпреварот и сигурен сум дека сме подготвени. Поддршката од публиката е секогаш добредојдена и очекуваме повторно да биде нашиот 12. играч. Кога има заедништво меѓу тимот и навивачите, сите сме посилни. Се надеваме дека ќе дојдат во голем број и ќе ни помогнат да ја оствариме нашата цел“, изјави Зејнулаи.

