Шкендија утре ја очекува реваншот против Хиберниан во третото квалификациско коло за пласман во Конференциската лига, а на прес-конференцијата пред натпреварот тренерот Артим Положани и Александер Трумчи ги споделија очекувањата пред важниот дуел.
Тетовци на првиот натпревар во Единбург загубија со 2:1, но сметаат дека одиграле натпревар во кој заслужиле подобар резултат. Во меѓувреме, Шкендија успеа да слави против Вардар во македонското првенство, а Положани истакна дека екипата имала исклучително напорна недела.
„Беше тешка недела за нас. Имавме тежок натпревар во Шкотска, па моравме да се вратиме во Скопје и да играме против Вардар во дербито. Не ми е јасно зошто моравме да играме во пет часот, но среќни сме што победивме пред овој важен натпревар против Хиберниан“, изјави Положани.
Тренерот на Шкендија откри дека во дуелот со Вардар се обиделе да одморат дел од играчите со цел што поспремни да го дочекаат утрешниот реванш.
„Се обидовме да поштедиме некои играчи за натпреварот против Хиберниан. Сакаме да победиме и сакаме да одиме понатаму, во плеј-офот. Шкендија има можност да го повтори успехот од лани и затоа ќе дадеме сè од себе.“
Положани потврди дека Гаје нема да биде подготвен за натпреварот, додека за останатите играчи конечната слика ќе биде позната по последниот тренинг.
„Гаје нема да биде спремен за утре. Вечерва имаме тренинг, па по него ќе знаеме што ќе се случува и кои играчи ќе бидат достапни.“
За атмосферата во тимот по победата над Вардар зборуваше и Александер Трумчи, кој потенцираше дека фокусот веднаш бил префрлен кон европскиот натпревар.
„Сигурно после победата против Вардар атмосферата е на високо ниво. Тоа сепак беше почетокот на шампионатот и натпревар против директниот ривал за трофејот, па среќни сме. Но, кога заврши натпреварот, веднаш се фокусиравме на утрешниот натпревар.“
Трумчи верува дека Шкендија има што да покаже во реваншот и дека тимот може да го надомести голот негатива од првиот натпревар.
„Мораме да победиме, тоа е сè што посакуваме. Игравме добро во Шкотска и заслуживме подобар резултат. Утре ќе го покажеме нашето најдобро светло.“
На прашањето што ќе биде пресудно во реваншот – трпението или агресивниот пристап и обидот рано да се постигне гол – Положани најави внимателна, но офанзивна Шкендија.
„Не сакаме да играме со жешка глава за да не грешиме. Нам ни треба гол за продолжение, но ако ни се укаже шанса, зошто да не го решиме натпреварот и порано. Ќе биде тежок натпревар. Знаеме дека Хиберниан е силен противник, но сметам дека можеме да му парираме, во зависност од тоа како ќе се развива натпреварот.“
Тој нагласи дека Шкендија мора да има баланс во играта и да не дозволи желбата за брз гол да донесе непотребни грешки.
„Ќе се обидеме да бидеме умерени и да не брзаме. Предноста на противникот не е голема, а психолошкиот дел ќе биде многу важен. Ние сме спремни. Би сакале да го затвориме натпреварот многу порано во наша корист, но мора да знаеме дека и противникот ќе има свој план за игра.“
Положани дополнително го потенцираше квалитетот на шкотскиот тим и потребата од внимателен пристап.
„Хиберниан доаѓа од силна лига, затоа мораме да бидеме претпазливи. Но, имаме квалитет да ги решиме сите проблеми.“
Шкендија утре ќе се обиде да ја надомести негативата од 2:1 од Единбург и да обезбеди пласман во плеј-офот на Конференциската лига.

