Шкендија утре ја очекува реванш-пресметката против словенечкиот ривал во квалификациите, тимот на Браво, а во тетовскиот табор владее оптимизам дека може да се надополни негативата од првиот натпревар и да се обезбеди пласман во следната рунда. На денешната прес-конференција тренерот Артим Положани и фудбалерот Дрилон Ислами порачаа дека клучот ќе биде добрата реализација и дисциплинираната игра, но и поддршката од трибините.
Положани истакна дека неговиот тим во првиот натпревар одиграл квалитетно, но дека недостасувала завршницата, нешто што ќе мора да се поправи во реваншот.
„Мора да бидеме компактни во текот на сите 90 минути и да го задржиме ритамот што го бараме од играчите. Не смее да има разлика во пристапот без разлика дали играме некој европски натпревар или натпревар од домашното првенство. Игравме добро во Словенија, но овојпат мора да бидеме многу поефикасни пред голот“, изјави стратегот на Шкендија.
Тој додаде дека фактот што Шкендија е единствениот македонски претставник во европските квалификации е добра вест за домашниот фудбал, но нагласи дека во моментов целиот фокус е насочен само кон реваншот. Тренерот се надоврза и на прашањето околу гестот на клубот за влезот на натпреварот да биде бесплатен.
„Бесплатниот влез е одличен потег и верувам дека навивачите ќе ни бидат голема поддршка. Знаеме колку нивната енергија може да ни помогне. Играчите имаат доволно искуство да се носат со вакви натпревари и верувам дека ако бидеме поконцентрирани во завршницата, ќе се радуваме на пласман понатаму“, порача Положани.
Сличен став имаше и Дрилон Ислами, кој истакна дека атмосферата во соблекувалната е одлична и дека сите во тимот веруваат во пресврт.
„Максимално се подготвивме за натпреварот и нашата единствена цел е победа. Во првиот меч создадовме многу шанси, а ако овојпат бидеме поконцентрирани во реализацијата, верувам дека ќе успееме да ја оствариме целта и да продолжиме во понатаму“, изјави Ислами.

