Македонски фудбал Меѓународен фудбал Фудбал

Положани: Фудбалот некогаш не го дава тоа што го заслужуваш!

Шкендија го заврши европскиот настап во третото квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА, откако на домашен терен одигра 0:0 против Хибернијан. Тетовци имаа задача да ја надоместат негативата од 2:1 од првиот натпревар во Шкотска, но и покрај обидите не успеаја да го пронајдат патот до мрежата на противникот. Хибернијан со дисциплинирана игра го сочува резултатот и обезбеди пласман во следната рунда.

Тренерот на Шкендија, Артим Положани, по натпреварот истакна дека неговиот тим дал максимум, но не успеал да го материјализира тоа на теренот.

„Задоволен сум од тоа што го прикажа мојата екипа, но некогаш фудбалот не го дава тоа што го заслужуваш“, порача Положани.

Според стратегот на тетовци, натпреварот во Шкотска бил клучен за конечниот исход, особено голот примен од корнер. Дополнителен проблем за Шкендија била и повредата на Ѓоргиевски на последниот тренинг, која го промени првичниот план за реваншот. Елиминацијата е разочарување за Шкендија, која како цел имаше пласман во плеј-офот. Сега тетовскиот клуб целосно ќе се насочи кон домашниот шампионат, каде што амбициите остануваат високи.

„Разочарани сме, бидејќи наша цел беше да се пласираме во плеј-офот. Сега тимот ќе го сврти целото внимание кон домашниот шампионат и сакаме да ја освоиме лигата“, изјави Положани.

Со елиминацијата од Хибернијан, за Шкендија завршува европската приказна ова лето, а следниот предизвик ќе биде борбата за шампионската титула во домашното првенство.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.