Тажна вест го потресе англискиот фудбал откако на стадионот „Д Вали“, домот на Чарлтон Атлетик, било пронајдено безживотно тело. Клубот потврди дека случајот е пријавен во полицијата, која веќе спроведува истрага за околностите под кои дошло до смртта. Според информациите кои ги објави Чарлтон, инцидентот се случил во раните утрински часови во понеделник, додека телото било пронајдено во вторник наутро. Засега не се соопштуваат детали за идентитетот на починатиот, ниту пак се познати околностите кои довеле до трагичниот настан.
Од клубот потврдија дека целосно соработуваат со надлежните органи и ги повикаа сите кои можеби располагаат со информации поврзани со случајот да се обратат во полицијата.
„Чарлтон Атлетик соработува со полицијата во рамките на истрагата по пронаоѓањето на починато лице на стадионот ‘Д Вали’. Полицијата била известена во вторник за инцидентот кој се случил во раните часови во понеделник. За жал, мажот починал на самото место“, соопштија од англискиот клуб.
Чарлтон во меѓувреме го одигра својот прв домашен натпревар во новата сезона, совладувајќи го Дарби Каунти со 2-1. Засега нема информации дека трагичниот случај е поврзан со натпреварот или со активностите на клубот.

