Словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар во текот на утрешниот или задутрешниот ден ќе биде подложен на хируршка интервенција во Барселона, откако заработи тешки повреди при страшниот пад во осмата етапа на трката „Вуелта а Еспања“.
Ѕвездата на ААЕ Тим Емирати се соочува со скршеница на левата клучна коска, фрактура на седмиот прешлен, сериозен потрес на мозокот и бројни контузии. Токму потресот на мозокот беше главната причина што операцијата веднаш не беше извршена, со цел анестезијата да не предизвика дополнителни компликации врз неговиот нервен систем.
Погачар е префрлен во познатата болница „Дешеус“ во Барселона, каде што операцијата ќе ја изврши познатиот специјалист за спортски повреди, д-р Чавиер Мир, хирургот кој со години се грижи за најтешките фрактури на возачите во Мото ГП шампионатот.
Првиот човек на тимот, Мауро Џанети, потврди дека словенечкиот ас психолошки се чувствува добро и покрај претрпениот шок, но нагласи дека клубот нема да брза со никакви одлуки околу неговото враќање на патеките. Иако наесен следуваат Светското првенство во Монтреал и Европското првенство во Љубљана, од тимот порачаа дека дури по операцијата и комплетните лекарски анализи ќе биде познато дали Погачар ќе може да се трка до крајот на оваа сезона.

