Фудбалската репрезентација на САД оствари убедлива победа над Мексико, славејќи со 3-0 во контролниот натпревар одигран во Глендејл, Аризона. Американците уште еднаш покажаа дека располагаат со сериозен потенцијал, а во прв план повторно се најде 18-годишниот Џулиан Хол.
Младиот напаѓач на Њујорк Ред Булс ја отвори средбата во 28. минута и продолжи со фантастичната серија во националниот дрес. За Хол ова беше трет погодок на исто толку репрезентативни настапи, што дополнително ја потврдува неговата одлична форма. САД ја контролираше играта и во продолжението, а предноста беше удвоена во 62. минута. Кејвон Саливан мајсторски го совлада противничкиот голман со префрлувачки удар од работ на шеснаесетникот за 2-0.
Мексико дополнително си ја отежна задачата само пет минути подоцна. Матео Чавес Гарсија доби директен црвен картон, па гостите останаа со десетмина на теренот. Тоа им овозможи на Американците мирно да го контролираат финишот, а во 84. минута Малик Тилман стави точка на натпреварот со третиот гол за конечни 3-0.
За селекторот Маурисио Почетино ова е уште една позитивна проверка, но особено радува формата на младиот Хол, кој со три гола во три настапи полека се наметнува како една од најинтересните нови фигури во американскиот репрезентативен фудбал.

