На „Ел Сардинеро“ огромна радост, тимот од Кантабрија избори промоција во Ла Лига по убедливата победа над Ваљадолид со резултат 4:1 на домашен терен. Паралелно, неочекуваниот пораз на Алмерија од Лас Палмас значеше дека големата забава во Сантандер конечно можеше да започне минатата вечер. Навивачите го чекаа овој историски момент цели 14 години, поминати во пониските рангови и во мачни финансиски кризи на самиот раб на егзистенцијата.
¡Están de regreso!
Racing de Santander confirmó su ascenso a la Primera División Española y así lo festejó la gente 🔥🙌⚽️
¿Cuándo se volverá a ver algo parecido en México? 🤔#Futbol #racingsantander #LaLiga #ascenso #TVCDeportes pic.twitter.com/EGsIKlbbn3
— TVC Deportes (@TVCDeportes) May 16, 2026
Во локалните кафулиња синоќа со солзи се славеше овој неверојатен фудбалски успех, со неизбежно навраќање кон славното минато на клубот. Постарите поддржувачи со гордост се сеќаваа на култниот тандем кој некогаш го сочинуваа високиот Никола Жигиќ и нискиот Педро Мунитис. Нивното телепатско разбирање на теренот носеше огромни радости, а секој центаршут на Мунитис редовно завршуваше со сигурен погодок на српскиот фудбалски џин.
Пропаста на овој симпатичен клуб започна со доаѓањето на контроверзниот американско-украински бизнисмен Дмитри Питерман во далечната 2003 година. Тој ексцентрично сакаше да одредува сè во тимот, па дури и кој точно ќе се најде на теренот во стартниот состав. Вистинската катастрофа сепак пристигна во 2011 година, со купувањето на клубот од страна на индискиот претприемач Ахсан Али Сиед.
Клубот веднаш доживеа колапс и во сезоната 2011/12 испадна од елитата, иако на тренерската клупа тогаш седеше искусниот Ектор Купер. Тогаш започна вистинскиот пекол, па фудбалерите јавно протестираа седејќи на тревата, а бесните навивачи упаднаа во ложата да го линчуваат сопственикот. Тимот набрзо потона во третиот ранг, играјќи против анонимни екипи како Пења Спорт и Туделано, соочувајќи се со целосна ликвидација.
Најверните навивачи тогаш самите собираа пари за да го спасат својот миленик и да му подарат сосема нов живот. Сега, додека фановите пијат традиционален бренди „Орухо“ и ги чекаат Реал и Барселона, клубот слави некои сосема нови фудбалски херои. На теренот сезонава измислија чуда Андрес Мартин со 22 гола, Ињиго Висенте со 18 асистенции и „викингот“ Асијер Виљалибре со 16 погодоци.

