По победата на Атлетико од 2-1 над Реал Мадрид, во фокусот повторно се најдоа судиските одлуки и коментарите на Жозе Мурињо. На критиките на португалскиот тренер сега одговори Диего Симеоне. Аргентинскиот стратег испрати јасна порака, нагласувајќи дека секој има право на свое мислење, но дека постои граница кога станува збор за почитта.
„Ги почитуваме мислењата на другите тренери. Кога ќе се премине границата на почитта, без разлика дали се викаш Мурињо, Симеоне или Пелегрини, таа граница не смее да се премине“, порача Симеоне.
Тренерот на Атлетико се осврна и на случувањата на теренот, оценувајќи дека неговиот тим заслужено стигнал до трите бода.
„Одигравме интензивен натпревар и имавме контрола во текот на целиот меч. Го неутрализиравме нивното најсилно оружје, транзицијата, а во второто полувреме ги искористивме шансите што ги создадовме. Не смееме да ја занемариме одличната игра на тимот“, додаде тој.
Симеоне не сакаше дополнително да навлегува во спорните судиски ситуации кои го одбележаа дербито.
„Ако сакаме да зборуваме само за спорните моменти, а не за натпреварот, тогаш тоа е друга приказна. Ние победивме и немам што повеќе да додадам“, кратко прокоментира тренерот на Атлетико.

