Меѓународен фудбал Фудбал

По Куртоа, Ѓулер и Белингем потпишуваат нови договори со Реал!

Реал Мадрид е во офанзива за долгорочно обезбедување на своите најважни фудбалски имиња. По потврдата за новиот договор со еден од најдобрите светски чувари на мрежата, Тибо Куртоа, кој се обврза на верност кон „кралскиот клуб“ до летото 2031 година, раководството на шпанскиот гигант ги финализира сите детали за уште два важни потписи.

Следен кој ќе го следи примерот на Белгиецот е младиот Арда Ѓулер, кој ја прифати понудата за продолжување на соработката за дополнителни две години, со што и тој ќе остане на „Сантијаго Бернабеу“ до 2031 година. Сепак, најголемо внимание во шпанските медиуми привлекува договорот со Џуд Белингем. Според ексклузивните информации на мадридски „Ас“, англискиот репрезентативец е на чекор до формализирање на новата соработка до 2031 година, која со себе носи и значително зголемување на неговата плата како награда за одличните партии.

Преговорите меѓу Белингем и Реал започнаа уште при крајот на минатата сезона, а во раководството ниту во еден момент не се сомневаа во неговиот квалитет, дури и кога се соочуваше со повреди. Со повторното враќање на неговата омилена позиција зад напаѓачите, каде што има максимална слобода во играта, Англичанецот веќе има три гола и три асистенции оваа сезона. Во Мадрид гледаат на Белингем како на клучен мотор на екипата и иден лидер на генерацијата, ставајќи го во ист ранг на важност каков што имаа Лука Модриќ, Тони Крос и Каземиро во нивните најдобри денови.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.