Тешкиот пораз од 4:1 на гостувањето кај Порто во четвртото коло од Лигата на шампионите предизвика вистински земјотрес во редовите на Наполи. Италијанските медиуми откриваат дека атмосферата во екипата е целосно нарушена, а за длабочината на кризата најдобро сведочат јавните истапи на неколку prvотимци кои повеќе не го кријат незадоволството од тренерот и управата.
Наполи, кој во изминатите три години двапати се искачуваше на тронот во Серија А, моментално се наоѓа во една од најтешките кризи во поновата историја. На последните 14 натпревари во сите натпреварувања, екипата претрпе дури седум порази, а во елитното европско натпреварување има веќе три неуспеси на четири меча.
Прв со отворени критики излезе Матео Политано, кој со пркос го истакна бегството од одговорност на дел од соиграчите:
„Исклучително сум бесен. Сите мора да се запрашаме што правиме, да замолчиме и да работиме. Секогаш јас излегувам пред камерите и ја преземам одговорноста. Би сакал да видам и некој од останатите соиграчи да дојде и да ја објасни ситуацијата, а не тоа постојано да бидеме само ние Италијанците“, изјави Политано.
Револт не криеше ниту Расмус Хојлунд, кој отворено му противрече на тренерот Масимилијано Алегри околу анализата на мечот:
„Не се согласувам со Алегри, ова воопшто не беше добар натпревар. Ова е многу темен период од сезоната. Сите мора да се погледнеме во огледало и да преземеме одговорност, почнувајќи од играчите и тренерот, па сè до управата на клубот“, порача данскиот напаѓач.
Стрелецот на единствениот погодок за Наполи во Португалија, Скот Мак Томинеј, исто така не го криеше бесoт поради истите дефанзивни пропусти кои се повторуваат од меч во меч.
Ситуацијата дополнително ја вжештува тоа што ниту еден клупски функционер не патуваше со екипата во Порто, поради што јавноста бара итна реакција од раководството. Пред Наполи сега претстои дербито против Лацио, меч кој лесно може да го одреди текот на сезоната и да покаже дали клубот се движи кон тотален распад.

