Меѓународен фудбал Фудбал

По дебаклот од Трабзонспор, Галатасарај реагираше за иднината на тренерот Бурук

Галатасарај нема да прави тренерска промена. И покрај убедливиот пораз од Трабзонспор, раководството на турскиот шампион јавно застана зад Окан Бурук и ги отфрли информациите дека искусниот стратег би можел да ја напушти клупата. Галатасарај на 19 септември доживеа тежок удар, губејќи со 0:4 на гостувањето кај Трабзонспор. По шест одиграни кола во Суперлигата, сепак, тимот има 13 освоени бодови и се наоѓа на второто место, со ист број бодови како лидерот Амед.

По поразот започнаа шпекулации околу позицијата на Бурук, но претседателот на клубот Дурсун Ајдин Јозбек категорично порача дека нема промена во ставот на раководството. Од Галатасарај соопштија дека претседателот веднаш по натпреварот разговарал со тренерот и му ја пренел поддршката, а дополнителна средба била одржана и во клупскиот тренинг-центар по неделниот тренинг.

„Во последниот период се појавија различни информации во медиумите и на социјалните мрежи за наводната ситуација околу Окан Бурук и тимот. Тие информации не ја одразуваат реалната состојба“, порача Јозбек.

Првиот човек на клубот нагласи дека довербата во Бурук не е доведена во прашање и дека раководството продолжува да работи со тренерот на исполнување на поставените цели.

„Постојано сме во контакт со Окан. По натпреварот со Трабзонспор лично разговарав со него за да му ја изразам мојата поддршка и да ја потврдам нашата целосна доверба. Подоцна разговаравме и за актуелната состојба на тимот и плановите за периодот што следува“, стои во соопштението.

Од клубот истовремено реагираа и на шпекулациите кои се појавија по поразот, оценувајќи дека е создадена слика за криза која не ја споделува раководството. Галатасарај останува фокусиран на главните амбиции за сезоната. Клубот цели кон освојување на петта последователна шампионска титула во Турција, но и кон подобар настап на европската сцена.

„Ќе продолжиме напред со вера и решителност под водство на Окан Бурук, како што тоа го правевме во изминатите четири години. Единството меѓу раководството, стручниот штаб, играчите и навивачите е клучно за остварување на нашите цели“, порача претседателот на Галатасарај.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.