Расел Вестбрук официјално стави крај на својата блескава НБА кариера. Поранешниот најкорисен играч во најсилната кошаркарска лига во светот реши да се повлече по 18 сезони исполнети со индивидуални признанија, рекорди и настапи на најголемата сцена. Одлуката 37-годишниот Вестбрук ја објави на необичен начин, преку краток филм споделен на социјалните мрежи. Гласот во видеото му припаѓа на познатиот актер и оскаровец Мајкл Б. Џордан, со што искусниот кошаркар стави симболична точка на својата долга кариера.
Најголемиот дел од неговите најдобри години беа поминати во Оклахома Сити Тандер, каде што играше во првите 11 сезони. Потоа следуваа ангажмани во Хјустон Рокетс, Вашингтон Визардс, Лос Анџелес Лејкерс, Лос Анџелес Клиперс, Денвер Нагетс и Сакраменто Кингс, каде што настапуваше минатата сезона. Откако летово стана слободен агент, Вестбрук не доби понуда од ниту еден од 30-те НБА клубови. Наместо да продолжи да ја чека следната можност, искусниот бек одлучи да го затвори поглавјето во најсилната кошаркарска лига во светот.
Вестбрук во 2017 година ја освои наградата за МВП на регуларниот дел од сезоната, а двапати беше најдобар стрелец во НБА – во 2015 и 2017 година. Посебно ќе остане запаметен по својата способност за остварување трипл-дабл, со дури четири сезони во кои просечно имаше двоцифрени бројки во три статистички категории.
Во својата кариера девет пати беше избран за Ол-стар натпреварот, а девет пати се најде и во една од идеалните петорки на сезоната. Двапати беше дел од првата петорка на НБА. Вестбрук во НБА пристигна во 2008 година, кога беше избран како четврти пик на драфтот од Сиетл Суперсоникс. Сепак, никогаш не заигра за франшизата под тоа име, бидејќи тимот истата година се пресели во Оклахома Сити и продолжи како Тандер.
На репрезентативен план, Вестбрук исто така остави значајна трага. Со селекцијата на САД ја освои светската титула во 2010 година, а две години подоцна се закити и со олимписко злато на Игрите во Лондон. По 18 сезони, повеќе од илјада натпревари, бројни индивидуални признанија и статус на еден од најпрепознатливите бекови на својата генерација, Расел Вестбрук реши дека е време за последниот свиреж.

