Меѓународен фудбал Фудбал

По 14 години се враќа озлогласеното „Докерско дерби“ меѓу Милвол и Вест Хем

Еден од најстраствените и најсуровите ривалитети во историјата на англискиот фудбал денеска од 13:30 часот повторно ќе го запали Островот. По цели 14 години пауза, култниот стадион „Ден“ го пречекува судирот меѓу Милвол и Вест Хем, жестокото „Докерско дерби“ кое со децении ги дели соседите од источен Лондон на оддалеченост од едвај шест километри.

Поради редот крвави хулигански пресметки низ историјата, како и култниот статус на ова ривалство овековечен дури и во филмските екранизации, лондонската полиција е во состојба на највисока мобилизација. Мечот ги буди спомените на најлудите пркоси меѓу овие два табора, вклучувајќи го и моментот од пред 15 години кога „чеканите“ испаднаа од елитата предводени од Аврам Грант, а фановите на Милвол изнајмија авион што прелета над стадионот во Виган со иронична порака: „Аврам Грант – легенда на Милвол“.

На спортски план, ривалите влегуваат во овој дуел со сосема поинаков залет. Вест Хем маршира кон експресен камбек во Премиер лигата со четири победи по ред и предводник во разиграниот Џерод Боуен, додека Милвол има скромен старт и се наоѓа на 12-тата позиција. Сепак, кога станува збор за ваков градски престиж, суровата енергија на трибините на „Ден“ и познатата парола на домаќините, „Никој не нè сака, не ни е грижа“, гарантираат дека фаворитската улога на хартија брзо паѓа во втор план.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.