Фудбалската планета конечно го дочека големиот ден, денеска со пресметката меѓу домаќинот Мексико и селекцијата на Јужна Африка на целосно реновираниот стадион „Ацтека“ официјално започнува Светското првенство. Овој култен спортски храм во Мексико Сити по којзнае кој пат во историјата ќе биде центар на светот, а домашните фанови со огромна еуфорија очекуваат триумфален почеток на Мундијалот. Атмосферата на трибините секако ќе биде пеколна, а меѓу илјадниците бучни навивачи кои ќе дадат поддршка за Мексико, еден посебен лик на седиштата засекогаш ќе го има најдобриот поглед кон теренот.
Станува збор за уникатна бронзена статуа во природна големина, која не претставува некој легендарен стрелец или славен тренер, туку е посветена на најобичен, верен навивач. Овој монумент го симболизира Игнасио Виљануева Агире, познат како Начито, кој во 2001 година победи на големиот медиумски конкурс за најлојален фан на Клуб Америка, откако пред жирито донесе кутија преполна со влезници и сувенири од апсолутно секој натпревар на тимот во рок од цели две децении. За неговата луда верност да биде соодветно наградена, скулпторите направија статуа од него седната на столче на трибините. Благодарение на овој уметнички потег, Начито никогаш нема да го напушти својот сакан стадион и денеска симболично ќе го претставува вистинското срце на фудбалот при првиот судиски свиреж на шампионатот.

