Репрезентацијата на Босна и Херцеговина се подготвува за важниот предизвик против селекцијата на Соединетите Американски Држави, натпревар кој ќе биде сериозен тест за двата тима. Поранешниот репрезентативец Миралем Пјаниќ очекува неизвесен дуел, но верува дека неговата репрезентација има квалитет да избори позитивен резултат.
Пјаниќ нагласи дека американската селекција заслужува максимална почит, но не ја смета за противник од рангот на најголемите светски фаворити.
„САД се добра и организирана репрезентација, која мора да се респектира. Сепак, не зборуваме за селекции како Шпанија, Бразил или Германија. Нè очекува тежок натпревар, особено затоа што тие ќе играат пред својата публика, но сигурен сум дека и ние ќе ја имаме поддршката од нашите навивачи, кои беа со нас и на претходните натпревари во Северна Америка. Верувам дека ќе гледаме квалитетен меч и се надевам дека ќе обезбедиме пласман понатаму“, изјави Пјаниќ.
Искусниот играч од средниот ред потенцираше дека атмосферата во тимот е одлична и дека сите се мотивирани да направат уште еден значаен чекор на турнирот.

