Шпанија со минимален триумф над Уругвај го завери првото место во групата, но пресметката во Гвадалахара донесе горчлив вкус за европскиот шампион. Кога веќе не можеа да парираат со фудбалско знаење, Јужноамериканците тргнаа со брутална сила и удрија по „фуријата“, оставајќи го селекторот Луис де ла Фуенте без двајца исклучително важни играчи за претстојните елиминациски битки.
Најдебелиот крај во овој мундијалски „масакр“ го извлече Јереми Пино, за кого Светското првенство е дефинитивно завршено поради скршена клучна коска. Веднаш зад него на медицинската листа се најде и Нико Вилијамс. Супербрзиот офанзивец на Атлетик Билбао допрва оди на детални прегледи, но веќе е кристално јасно дека тој нема да биде подготвен за стартниот натпревар од нокаут-фазата. Во шпанскиот табор владее сериозен страв дека паузата на Вилијамс може драстично да се продолжи, со оглед на тоа што тој и во текот на клупската сезона често отсуствуваше поради слични проблеми со мускулите.
Дополнителен шок за Шпанците е што Де ла Фуенте според правилата веќе нема право да повика замена, па ќе мора да го крпи тимот со преостанатите сили. Кормиларот на „фуријата“ по натпреварот јавно им симна капа на своите момци кои буквално „изгинаа“ на теренот и покрај сериозните удари. Тој потврди дека Пино покажал нереален карактер со тоа што со страшни болки го доиграл мечот пред да се соочи со тешката дијагноза, додека за Вилијамс изрази надеж дека се работи за моментално преоптоварување, иако со трепет ги чека конечните резултати од скенерот.

