Меѓународен фудбал Фудбал

„Петарда“ на Фрајбург против Гладбах, Дортмунд перфектен и по третото коло во Бундеслигата (ВИДЕО)

Германската Бундеслига донесе вистинско гол-шоу во саботниот попладневен термин со дури 19 погодоци на пет натпревари. Најрасположени за игра беа фудбалерите на Фрајбург, кои целосно го детонираа тимот на Борусија Менхенгладбах совладувајќи го со убедливи 5:0 за привремено преземање на врвот на табелата.

Енгелхарт и Матановиќ уште во првите 45 минути ја најавија катастрофата на гостите, а откако Клајдинст заработи директен црвен картон, на теренот постоеше само еден тим. Матановиќ и Енгелхарт постигнаа по уште еден гол, а точки на финалните 5:0 стави Егештајн, додека Менхенгладбах го заврши мечот без ниту еден упатен шут во рамките на противничкиот гол.

Борусија Дортмунд го зачува перфектниот ефект од три победи на три меча откако рутински го совлада Падерборн со 3:0 на „Сигнал Идуна Парк“. Раниот гол на Фабијано Силва по грешка во одбраната на гостите му го отвори патот на тимот на Дортмунд, а дилемите околу победникот во самиот финиш ги реши Феликс Нмеча со два погодоци во мрежата на Падерборн.

Вистинска драма се одвиваше во Аугсбург, каде што домашниот лидер беше на прагот на уште едно големо изненадување, но Патрик Шик во 89. минута го спаси Баер Леверкузен од нов пораз поставувајќи ги конечните 2:2. Ајнтрахт Франкфурт славеше на гостувањето кај Мајнц со 3:1 со двата погодоци на разиграниот Узун, додека Хофенхајм ги освои првите бодови во сезоната откако со пресврт во второто полувреме го совлада Штутгарт со 2:1.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.