Меѓународен фудбал Фудбал

ПЕТА бара од Кристал Палас да ја прекине традицијата со орелот на стадионот

Најголемата светска организација за заштита на животните, ПЕТА, испрати официјално писмо до извршната директорка на Кристал Палас, Шарон Лејси, со барање клубот засекогаш да престане да го користи живиот белоглав орел како свој талисман и атракција.

Според ПЕТА, преполните трибини, бучавата и силните рефлектори на „Селхерст Парк“ создаваат екстремно стресна и опасна средина за птицата Финикс. Од организацијата потсетија на низа немили инциденти на фудбалските терени, вклучувајќи го и оној од 2015 година кога навивач на Чарлтон физички се обиде да ја нападне претходната птица-талисман, Кајла.

„Белоглавите орли се симбол на слободата, а Финикс овде се користи како реквизит за забава. Кристал Палас веќе има талисман во човечки облик, па нема никаква потреба диво животно да се изложува на толкава врева и стрес. Го повикуваме клубот да ѝ дозволи на Финикс да рашири крила и конечно да ја ослободи од обврските на натпреварите“, изјави Керис Бенет, виш менаџер во ПЕТА.

Лондонскиот клуб го носи прекарот „орли“ од 1973 година, додека традицијата со жив орел пред домаќинските мечеви започна во 2010 година со легендарната Кајла, која угина во 2020 година. Нејзината наследничка Финикс дебитираше во август 2024 година, но заштитниците на животните бараат овој ритуал конечно да замине во историјата.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.