Охрид повторно ги отвора вратите за врвниот европски ракомет, а „Билјанини Извори“ во наредните денови ќе биде место каде ќе се сретнат квалитетни екипи, големи имиња и млади таленти. Јубилејното издание на турнирот „Крсте Андоновски“ носи исклучително силна конкуренција, па љубителите на ракометот ги очекуваат пет денови исполнети со атрактивни натпревари и неизвесни пресметки.
Од денеска, 18 август, па до 22 август, во СЦ „Билјанини Извори“ ќе се одржи петтото издание на Меѓународниот турнир „Крсте Андоновски“. На турнирот ќе настапат осум екипи поделени во две групи. Во групата А се Охрид, Загреб, Египет У20 и Војводина, додека групата Б ја сочинуваат Вардар, Нексе, Олимпијакос и Тримо Требње.
Програмата денеска започнува од 16:30 часот со дуелот Вардар – Олимпијакос. Од 18:45 часот Охрид ќе игра против Египет У20, а од 21:00 часот ќе се сретнат Војводина и Загреб. Групната фаза ќе трае до 21 август, додека 22 август е резервиран за натпреварите за конечен пласман и финалето.
Поединечна влезница чини 100 денари, а блок-влезницата за целиот турнир е 800 денари. Охрид го брани трофејот освоен минатата година, кога во финалето го совлада Еурофарм Пелистер.


