Екипата на Силекс не успеа да ја зачува предноста и доживеа елиминација во квалификациите за Лигата на конференции. Кратовци беа поразени од Динамо Минск по изведување на пенали со 6:5 на тренинг-центарот „Петар Милошевски“.
Иако македонскиот тим победи во првиот меч со 1:0, Динамо возврати со идентичен резултат во Скопје. Единствениот гол во регуларниот дел го постигна Малашевиќ уште во 17-та минута од натпреварот. Силекс ги пропушти своите најдобри шанси преку Хасукиќ и Велиновски, кој не успеа да го совлада противничкиот голман.
Бидејќи мрежите мируваа во продолженијата, патникот во следната рунда мораше да биде одлучен преку пенал-рулетот. Трагичар во шестата серија беше Тимовски кој ја погоди пречката, по што Калинин донесе победа за белорускиот состав. Динамо Минск во второто квалификациско коло ќе се соочи со тимот на Нефтчи од Баку.

