Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја остварија најважната цел во возбудливиот финиш на тековната сезона. Битолскиот тим славеше над директниот ривал Алкалоид со конечен резултат 31:26 во Битола. Со овој важен триумф тимот го запечати вицешампионското место кое носи директен пласман во групната фаза на Европската лига.
Гостите од Скопје започнаа многу подобро и брзо стигнаа до почетно водство од 0:3 на овој натпревар. Домаќините долго се мачеа со реализацијата, а дополнителен голем шок беше и тешката повреда на Србинот Урош Борзаш. Сепак, пелистерци успеаја да ја намалат негативата, па на паузата заминаа со минимален заостаток од 14:15.
Стартот на второто полувреме донесе бројни грешки кај Алкалоид, што Битолчани веднаш го искористија за целосен пресврт. Иранскиот чувар на мрежата Саид Хаидаридад комплетно заблеска на голот и запиша 8 клучни интервенции. Филип Кузмановски го предводеше победничкиот состав со 7 голови, додека кај гостите најефикасен беше Дамјан Митев со 7 погодоци.

