КК Пелистер продолжува експресно да го формира тимот за новата сезона 2026/27, откако денеска го промовираше своето петто ново засилување. Нов член на битолскиот суперлигаш е 25-годишниот бек Виктор Златевски, кој стави потпис на едногодишен договор и официјално ќе биде претставен на стартот на подготовките.
Поранешниот младински репрезентативец пристигнува од редовите на Феникс 2010, каде што изминатата сезона бележеше просек од 10.7 поени, 2.6 асистенции и 1.6 скока по натпревар. Во својата досегашна кариера, Златевски претходно ги бранеше и боите на Работнички, Гостивар и ФМП Академија.
Со ангажманот на Златевски, „зелено-белите“ ја потврдуваат својата позиција како еден од најактивните тимови на пазарот ова лето. Пред него, раководството на Пелистер веќе ги договори Иван Сапунџиев, младинскиот репрезентативец Ќириловски, Благој Димитриев и Американецот Алонзо Денинг.

