Екипата на Пелистер од Битола ќе мора да го визира својот прволигашки статус преку дополнителен бараж натпревар. Битолскиот тим одигра нерешено 2:2 на тешкото гостување во Кавадарци против екипата на Тиквеш. Домаќините водеа со убедливи 2:0 благодарение на головите кои ги постигнаа Ацковски и Сила од пенал. Сепак, со двата брзи гола на Ивановски во второто полувреме, Пелистер избори реми, но не и директен спас.
Ваквиот исход во Кавадарци најмногу му одговараше на тимот на Башкими, кој и дефинитивно обезбеди директен опстанок. Кумановскиот тим одигра ефикасно реми со резултат 3:3 на домашен терен против тимот на Македонија Ѓорче Петров. За Башкими двапати погоди Аворнијо, а еднаш Алексовски, додека кај гостите двоен стрелец беше Кабаркас, а погоди и Николиќ. Без оглед на овој резултат, кумановци слават директен опстанок поради ремито на нивниот главен конкурент.
Во третиот денешен натпревар, Работнички со убедливи 7:0 го совлада тимот на Шкупи. Овој дуел немаше никакво резултатско значење бидејќи двете екипи уште од претходно се преселија во понизок ранг. Дилемата сега останува само со кој второлигаш Пелистер ќе ги одмери силите во клучниот бараж дуел.

