Е. Пелистер продолжува со сигурни чекори во регионалната лига, а нов доказ за амбициите на битолчани е убедливата победа над Дубочица. „Зелено-белите“ на домашен терен славеа со 38-24, во натпревар во кој по нешто понеизвесниот почеток целосно го презедоа контролирањето на играта. Гостите од Србија подобро го отворија дуелот и рано стигнаа до 1-4, а предноста ја одржуваа и во продолжението. Дубочица имаше водство и при 8-10, но тогаш следуваше период во кој Пелистер го подигна интензитетот во одбраната и почна да казнува со лесни голови.
Атанасијевиќ и Калајџиески беа меѓу најзаслужните за пресвртот, па домашниот состав прво израмни, а потоа направи серија за водство од 13-10. До крајот на првиот дел битолчани ја задржаа контролата, а со погодокот на Филип Кузмановски од седум метри во последните секунди заминаа на пауза со 18-13. Во второто полувреме дилеми околу победникот практично немаше. Пелистер продолжи во ист ритам, ја зголемуваше предноста и постепено ја претвори победата во убедлив триумф. Првпат домашниот тим стигна до двоцифрена предност во 49. минута, кога Атанасијевиќ погоди за 31-21. Во завршницата „пелистерци“ само ја потврдија доминацијата и на крајот славеа со максимални 38-24, односно со 14 гола разлика.
Атанасијевиќ беше најефикасен на натпреварот со 11 погодоци, додека Кузмановски придонесе со осум гола. Младиот Калајџиески имаше одлична реализација и натпреварот го заврши со пет погодоци. Со вакво издание, Е. Пелистер испрати уште една порака дека има високи амбиции во регионалното натпреварување.

