Големото финале на Евролигата носи многу повеќе од обична тактичка битка на теренот, тоа ќе биде судир на шпанскиот кошаркарски великан против едно од најжешките навивачки гротла во светот. Додека кошаркарите се подготвуваат за тактичко надигрување, на трибините веќе е објавена мобилизација која ветува атмосфера каква што ретко се гледа на спортските терени.
Грчката престолнина е обоена во црвено-бело, а Реал Мадрид во неделното финале го чека вистински навивачки пекол во „ОАКА“ арената. Додека „кралевите“ ќе имаат поддршка од едвај стотина свои навивачи, Олимпијакос зад себе ќе ја има цела Атина. Спектакуларните сцени започнаа уште пред полуфиналето, кога илјадници навивачи на мотори, со факели и сирени, направија вистинско лудило низ улиците на Пиреј на патот кон салата.
На паркетот, Олимпијакос моќно го прегази Фенербахче со 79:61, во меч каде Шарунас Јасикевичиус спортски призна дека неговиот тим го одиграл најлошиот натпревар во сезоната, но и жестоко ја критикуваше Евролигата поради лошата организација на влезовите за навивачите. Од друга страна, Реал рутински ја совлада Валенсија со 105:90, но Серџо Скариоло се соочува со тежок кошмар, по Таварес и Лен, се повреди и Усман Гаруба, па Мадрид во финалето ќе игра без класичен центар против физички најдоминантната екипа во Европа.

