Кошарка Меѓународна кошарка

Пат Рајли нема намера да одмори: По Јанис и Морант, нова мета е Тре Јанг!

Мајами Хит со недели бара начин како повторно да се врати меѓу сериозните конкуренти за титулата на Истокот. Јанис Адетокумбо беше огромна желба на управата, Џа Морант беше блиску до преселба, но на крајот ниту еден од нив двајца не заврши на Флорида. Сепак, тоа воопшто не го запре искусниот Пат Рајли да продолжи со ловот на нова голема ѕвезда, па најновото име кое се поврзува со клубот е Тре Јанг. Според информациите на добро упатениот новинар Џејк Фишер, раководството на Мајами сериозно ја разгледува можноста уште ова лето преку трејд да го донесе четирикратниот Ол-стар плејмејкер.

Интересно е што Јанг пред само неколку месеци направи трансфер во Вашингтон Визардс. Хокс одлучија да го испратат во главниот град на САД во голема размена во која ги добија Си-Џеј Мекколам и Кори Кисперт, а очекувањата беа дека токму Тре ќе биде новото заштитно лице околу кое ќе се гради тимот. Иако многумина во лигата се убедени дека Јанг ќе остане во Вашингтон и ќе потпише нов долгорочен договор откако ќе ја одбие играчката опција за сезоната 2026/27 вредна речиси 49 милиони долари, Мајами очигледно сака да ги расипе тие планови и да испрати понуда што не се одбива.

Секако, оваа зделка нема да биде воопшто лесна за реализација. Вашингтон го донесе Јанг со намера да ја стабилизира франшизата, сметајќи дека со соодветни атлетски и дефанзивно силни кошаркари во петорката ќе можат лесно да ги покријат неговите слабости во одбраната. Поради тоа, логично е прашањето зошто Визардс би се откажале од него по само неколку месеци. Но, Мајами во минатото покажа дека не се повлекува пред предизвиците и дека ја истражува секоја можна шанса за носење суперѕвезда, без разлика колку тоа изгледа невозможно на хартија. По разочарувачката сезона во која Хит останаа без пласман во плејофот поради поразот од Шарлот Хорнетс во плеј-ин турнирот, јасно е дека на тимот му треба свежа крв.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.