По пауза од 13 години, ракометарите на Партизан повторно ќе заиграат во најелитното европско клупско натпреварување. Кам-бекот во Лигата на шампионите ќе биде особено тежок, бидејќи белградскиот тим за противник го има Фуксе Берлин, европскиот вицешампион од последните две сезони.
Натпреварот во „Пионир“ ќе биде посебен момент за „црно-белите“, кои очекуваат огромна поддршка од трибините. Домашниот терен и атмосферата која традиционално ја создаваат навивачите на Партизан ќе бидат еден од најголемите адути на српскиот претставник во дуелот со германскиот гигант.
Партизан во летниот период претрпе промени во играчкиот кадар, а на клупата седна искусниот шпански стручњак Раул Гонзалес, кој истовремено е и селектор на Србија. Тој е свесен дека пред својот тим има исклучително тешка задача, особено поради квалитетот со кој располага противникот.
„Очекувам многу тежок натпревар бидејќи тие се една од најдобрите екипи. Секогаш се борат за Фајнал-фор и за титулата и имаат некои од најдобрите играчи во светот. Ние сме тука да го одиграме нашиот најдобар ракомет и да се обидеме да победиме“, изјави Гонзалес.
Шпанецот посебно ја истакна важноста на одбраната, имајќи предвид дека Фуксе Берлин располага со огромен офанзивен потенцијал, предводен од данската ракометна ѕвезда Матијас Гидсел.
„Мора да одиграме речиси совршено бидејќи тие имаат многу добар напад и многу добра одбрана. Имаат играч како Гидсел, еден од најдобрите ракометари во историјата. Пред сè, мора добро да одиграме во одбраната“, додаде тренерот на Партизан.
Дополнителна мотивација за домаќинот е фактот што токму пред своите навивачи ќе има можност да се претстави на најголемата европска сцена. Десното крило Милија Паповиќ очекува тежок предизвик, но верува дека Партизан има со што да му се спротивстави на фаворитот.
„Возбудата навистина е голема. Берлин е европски вицешампион и непотребно е воопшто да се зборува за квалитетот на таква екипа. За нас ова е еден од најголемите предизвици во сезоната. Ќе играме пред нашите навивачи, што е дополнителна мотивација да одиграме квалитетен натпревар и да оствариме што подобар резултат“, порача Паповиќ.
Во групата А се уште и Веспрем и Порто. Унгарскиот состав веќе го одигра својот прв натпревар и со убедливи 36-28 го совлада Порто. По завршувањето на групната фаза, само двете најдобро пласирани екипи ќе обезбедат директен пласман во следната фаза на Лигата на шампионите.

