Кошаркарите на Партизан извојуваа голема победа над Црвена Звезда со 89:78 во вториот полуфинален натпревар од АБА-лигата. Со овој триумф избраниците на шпанскиот стратег Џоан Пењароја обезбедија експресен пласман во големото финале на регионалното натпреварување. Ова беше прва гостинска победа за „црно-белите“ во вечното дерби во рамките на АБА-лигата по цели 11 години. Клубот од Мали Калемегдан претходно имаше серија од дури 17 последователни домашни победи над големиот ривал.
Тренерот Пењароја ја запиша својата четврта последователна победа во дерби пресметките, додека Саша Обрадовиќ го претрпе четвертиот пораз по ред. Самиот почеток на натпреварот донесе многу тврда игра и мал број поени во воведните три минути. Домаќините се снаоѓаа подобро во раната фаза, но Партизан брзо одговори со застрашувачка серија од 17:2. „Црно-белите“ погодија четири тројки во финишот на првата четвртина i заминаа на одмор со предност од 12 поени.
Гостите продолжија во ист ритам и во вториот квартал, па на полувремето заминаа со убедлива предност од плус 16. Во третиот период Џаред Батлер донесе кратки знаци на живот за Звезда, намалувајќи ја високата негатива на 14 поени. Сепак, кошаркарите на Партизан рутински го приведоа мечот до самиот крај и без никакви проблеми го заверија големото финале.
Во борбата за шампионскиот трофеј, „црно-белите“ ќе играат против подобриот од дуелот меѓу екипите на Дубаи и Будуќност. Тимот од Обединетите Арапски Емирати во моментов има почетно водство од 1:0 во таа полуфинална серија, по денешната победа со 104:90.

