Кошаркарите на Партизан со пораз ја започнаа финалната серија во АБА лигата, откако синоќа претрпеа неуспех на гостувањето кај Дубаи со резултат 99:93. Домаќините уште од самиот старт наметнаа фуриозно темпо, па по првиот период водеа со 29:24, предност која до заминувањето на голем одмор порасна на девет разлика. Избраниците на Секулиќ во второто полувреме рутински го контролираа водството за почетна предност во серијата, предводени од разиграниот Џанан Муса кој постигна 22 поени, додека кај поразените „црно-бели“ најефикасен беше Стерлинг Браун со 20 кошеви.
Сепак, првиот историски финален дуел во Обединетите Арапски Емирати донесе и огромни тензии поради арбитражата на теренот. Раководството на белградскиот клуб изрази сериозно незадоволство од судискиот критериум, поради што веднаш побара официјална експертиза за првиот натпревар од челниците на регионалното натпреварување. Најголемите забелешки на гостите се однесуваат на критериумот за досудени фаули, а големиот револт донесе и дури три технички грешки за тренерот Пењароја и кошаркарите, што според нив директно влијаело врз самиот тек на средбата која ја делеше судиската тројка Јавор, Недовиќ и Грацин.
Веднаш по натпреварот се огласи и првиот човек на Партизан, Остоја Мијаиловиќ, кој испрати карактеристична порака до јавноста. Тој потенцираше дека наскоро и официјално ќе ја преземе претседателската функција во АБА лигата, при што негова главна мисија ќе биде враќањето и зачувувањето на целосниот интегритет на натпреварувањето. Финалната серија, во која трофејот ќе го подигне екипата што прва ќе стигне до три победи, продолжува веќе утре во сабота, кога повторно на теренот во Дубаи ќе се одигра вториот натпревар.

