Поранешниот предводник на Вардар, Роберто Парондо, направи нов огромен подвиг. Шпанскиот стратег го однесе Мелсунген до трофејот во ЕХФ Европската лига. Неговиот тим во финалето го совлада моќниот Кил со 24:23 по невидена драма во Хамбург.
Германското дерби донесе израмнета битка со малку голови и неверојатна борба на теренот. Резултатот на влезот во 59-тата минута од мечот гласеше нерешени 23:23. Тогаш Парондо побара клучен тајм-аут и нареди ризична игра со седум против шест. Оваа тактика вроди со плод, па Давид Мандиќ постигна златен гол за водство.
Кил имаше 15 секунди за напад, но „зебрите“ не успеаја да ја затресат мрежата. Германскиот гигант бурно протестираше бидејќи судиите не го сопреа времето на 6 секунди пред крајот.
Со овој голем триумф Мелсунген обезбеди потенцијално место во Лигата на шампионите. За Парондо ова е веројатно последен трофеј со клубот бидејќи на лето се сели во ПСЖ.
Во натпреварот за третото место, германски Фленсбург славеше над Монпеље со 32:30 и дојде до бронзата, за тотална доминација на германските екипи.

